Градот Скопје објави детали: Од следниот викенд стартува забраната за возила на Водно

Најавената забрана за движење возила на патот до Средно Водно ќе се воведе од наредниот викенд (25 и 26 ноември 2017 година). Одложувањето на оваа експериментална мерка е поради неповолните временски услови што се најавени за наредниве денови и поради техничките прашања околу усогласување на регулативата.

Според планот, оваа забрана ќе важи во еден правец, од клучката за Сопиште до Средно Водно и од паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“ до Средно Водно.

Забраната се планира да важи за време на викендите (сабота и недела) и за време на државните празници.

Оваа забрана нема да се однесува на автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), возилата на полицијата, противпожарната бригада, итната медицинска помош, возилата на штабовите за итни интервенции, како и на возилата со посебни одобренија.

За да им излезе во пресрет на граѓаните што сакаат да се рекреираат на Водно Градот Скопје ќе воведе 2 (две) нови пробни автобуски линии што ќе сообраќаат по принципот на шатл-линии, односно, автобусите ќе се полнат со патници на почетната станица и ќе возат без застанување до Средно Водно.

Возниот ред на автобуските линии може да го погледнете тука.