Градот Скопје наредната година ќе ја зголеми финансиската поддршка на првиот семеен центар, што ќе изнесува вкупно 1.500.000 денари, изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, при посета на центарот.

„Овој семеен центар е единственото бесплатно советувалиште за жртвите и сторителите на семејно насилство, каде што со нив се работи по специјализирана програма за третман. За изминативе 4 години постоење повеќе од 600 корисници добиле услуги од центарот, од кои најголемиот број биле жртви на семејно насилство. Градот Скопје сега ги зголемува средствата наменети за поддршка на семејниот центар за 700.000 денари повеќе од оваа година, со што вкупните средства за финансиска поддршка издвоени од буџетот на Градот за 2018 година изнесуваат 1.500.000 денари“, рече Шилегов.

Нагласи дека Скопје како град на солидарноста продолжува во континуитет да се грижи за своите сограѓани кои се соочуваат со ваков тип проблеми.

„Вложуваме максимални напори да ги зголемиме ефектите од превенцијата од употреба на дроги и семејно насилство, а со тоа уште еднаш подаваме рака на ранливите категории граѓани“, потенцира Шилегов.

Првиот семеен центар функционира во рамките на проектот „Советувалишта за превенција од употреба на дроги и семејно насилство“, поддржан од здружението на граѓани Х.Е.Р.А.