Градот Скопје ќе го оживува Калето, допрва ќе објаснува што со трите изградени музеи

Градските власти планираат да го оживеат Скопското Кале и да го направат поатрактивно за посетителите на македонската метропола.

Советот на град Скопје ја усвои одлуката за уредување, ревитализација, одржување и заштита на овој локалитет, со којшто градските власти се обврзаа да ја финансираат изработката на основниот проект.

Донесената одлука е на предлог на Управата за заштита на културното наследство, чие претходно раководство во времето на ВМРО – ДПМНЕ ја започна изградбата на трите музејски згради што не се пуштени во употреба до денешен ден.

Од Градот Скопје денеска не излегоа со детални информации околу судбината на градбите во кои требаше да се сместат Музеите на праисторискиот, средновековниот и отоманскиот период.

За нивната изградба се потрошија над 1,1 милиони евра од државниот буџет, но ниту еден од трите објекти не беше отворен во изминативе неколку години. Од сегашното градско раководство единствено потенцираат дека Скопското Кале има потенцијал за развој на туризмот во главниот град.