Градот Скопје има концепт за јавен транспорт кој ќе ги натера скопјани да го остават автомобилот

Ние сме готови со концептот на современ, нов јавен превоз што ќе им понуди на Скопјани можност да го заменат автомобилот, бидејќи ќе биде и евтин и побрз и поеколошки од она што досега го имаме во нашиот град. Минатата недела потпишавме и набавка на автобуси на гас со светски, еден од најреномираните производители „МАН“, но тие не засегаат во овој концепт во кој што зборувам, тие само ќе помогнат во иднина. Како такво, очекуваме дека Владата својот дел што како вербална обврска го има истакнато дека ќе влезе во финансирање на тој концепт да го исполнат. Градот е спремен, кај нас се спрема и тендерската документација на целокупниот систем, така што очекувам во моментот кога Владата ќе ги одобри средствата ние како Град да можеме да стартуваме. Ова во интервју за МИА го вели првиот човек на градот.

Тој додава дека се што работи како градоначалник заедно со градската администрација е во насока на заштита на животната средина.

Оваа недела веќе претставивме еден сосема поинаков концепт на менаџирање со комуналниот отпад. Го решивме прашањето со Дрисла, во формална смисла, а во фактичка допрва треба да го воспоставиме. Скопје има систем на третман на комуналниот отпад наследен од 80-тите години и ништо не е сменето. Ова што сега го почнавме, оваа недела, е почеток на еден сосема поинаков третман на комуналниот отпад за што прво и основно треба на граѓаните да им понудите инфраструктура. Тотално застарениот систем и концепт, дури и да сака граѓанин да врши селектирање на отпад, да се придржува до некои стандарди што се нормални во европските градови немаше можност, сега отвораме полека такви можности, се надевам дека со фактичкото преземање на Дрисла ќе можеме и сепаратерката да ја финансираме сами како град со цел од една страна да извлечеме материјална корист за градот, од самиот процес на менаџирање со комуналниот отпад, од друга страна да го зголемиме капацитетот на времетраење на Дрисла затоа што сега како што се одвиваат работите се што како комунален отпад влегува во Дрисла се депонира без да биде извршена селекцијата, од друга страна Градот анализирајќи ги сите податоци што ги имаме во смисла на амбиенталниот воздух, е веќе поставен стратешки на сите болни точки, вели Шилегов во интервјуото.