Градот не ја посадил тревата на плоштад, тоа го сториле анонимни граѓани

Просторот на плоштад Македонија каде требаше да никне објектот „Шпански скали“ и натаму ќе остане јавен простор, тврди градонаќалникот Петре Шилегов, а вели дека тревата е посадена од анонимни граѓани.

Оваа парцела, која до пред некој ден беше ископана и со земја, сега е убаво уреден тревник околу кој има пашачки патеки со клупи за седење и дрворед од 22 нови повеќегодишни дрвја, смета градоначалникот.

На површина од 5.000 квадратни метри и инвестиција од 33  милиони денари е уреден просторот во центарот на Скопје, на потегот од плоштадот кон влезот во Градскиот трговски центар.

– Градот немаше право да го затревни овој простор, туку тоа е направено од совесни граѓани кои сакаа да помогнат и да останат анонимни. Значи, Градот тука нема инвестирано јавни пари – рече Шилегов.

Тој додава дека нема да дозволи на оваа парцела која има приватен сопственик кој во 2012 година го купил земјиштето од државата во нелегална постапка и за која се води спор, да никне барокна 20-метарска висококатница која ќе го затвори плоштадот.

– Додека јас и градоначалникот на општина Центар сме на овие функции, нема да дозволиме јавниот простор да стане луда барокна градба. Скопје е единствениот град во светот каде плоштадот е продаден. Очекувам јавното обвинителство да си ја врши работата, а јас ќе ја водам оваа борба се додека оваа парцела не стане повторно јавен простор – нагласи Шилегов.