„Градот на солидарност“ зема уште една жртва

Маж на возраст од околу 50 години утрово е пронајден мртов на плочникот кај месарниците пред Зелено пазарче во Скопје. Случајот во полиција е пријавен утринава и најверојатно станува збор за бездомник кој секојдневно се движел во околина на пазарот. На местото на настанот увид изврши полицијата, а од страна на лекар е констатирана смрт, пренесе утрово МИА.

Медиумите пренесоа дека педесет годишниот скопјанец С.С. е лицето кое утринава беше пронајдено починато на клупите на Зелен пазар.

Пред неколку дена ЦИВИЛ Медиа објави прилог на граѓански новинар дека на крстосницата кај „Мавровка“, се качија во автобусот на ЈСП неколку полицајци и специјалци за да легитимираат едно бездомно лице, и откако се уверија дека не е криминалец, решија само да го симнат од автобусот и да го пуштат да си оди. Дома, на улица?

Јавна тајна е дека бездомните и сиромашни лица ги користат (или поточно ги користеле) јавните превози, обложувалници, трговски центри, автобуски станици за да се стоплат. Таа „привилегија“ за жал повеќе ја немаат, бидејќи обезбедувањето на објектите не ги пуштаат да влезат, оти така им наредиле газдите.

Човечноста во луѓето одамна изумре… Во општество како нашето стана дури и нормално да има вакви немили и нехумани настани.