Градот ги блокира сметки на граѓани и фирмите

Блокирани се сметките на граѓани и претставниците на фирмите кои не го платиле данокот на имот за 2016 година.

-Пред некој ден бев да си ја подигнам пензијата во банка, но кога стигнав на ред ме известија дека не можат да ми ја дадат бидејќи ми е блокирана сметката.Обично сите сметки наврмено си ги плаќам, но овој пат блокадата ми е направена заради неплатениот данок за имот. Го платив данокот и плус 2000 денари за да ми ја одблокираат сметката, вели пензионерот Васко од Кисела Вода.

Градот Скопје сака да им појасни на граѓаните дека во согласност со законот за даноците на имот, секој даночен обврзник добива решение за плаќање годишен данок на имот и комунална такса фирмарина до 31 март во тековната година.

-Јас редовно си го плаќам данокот за имот, сакав да подигнам пари, и ми рекоа дека сум блокиран.Мојата сметка за данмок за 2016 година е платена.Сега ќе морам да одам и да се докажувам, вели Весна од Аеродром.

Решението се плаќа на тримесечни рати до крајот на годината или во рок од 15 дена по добивањето на решението.

Откако ќе помине рокот во кој требало да се изврши наплата на данокот на имот и фирмарината по доставената опомена, Град Скопје изготвува решение за присилна наплата до физичките и правните лица (даночните обврзници), а доколку по решението за присилна наплата не е извршена уплата на даночната обврска се изготвува решение за блокада на сметка по банките.

По објавеното соопштение до јавноста од Град Скопје, испратено на 29.01.2018 година, дека постапката за присилна наплата на данокот на имот за 2016 година е во тек со цел да се избегне непотребното блокирање на трансакциските и жиро-сметките, и по апелот обврзниците уште еднаш да си ги проверат и подмират уплатите за 2016 година, Градот Скопје изготви решенија за блокада на сметките на даночните обврзници што не ги подмирија даночните обврски.

Градот Скопје сака да нагласи дека секое физичко или правно лице кое што смета дека погрешно му е блокирана сметката во банка може да дојде во просториите на Град Скопје, во бараката со број 16 или на сајтот на Град Скопје (www.skopje.gov.mk) да пријави проблем, по што службите ќе го разгледаат нивното барање и соодветно ќе одговорат.