Градот целосно го менува ликот: Нова фасада за „Палома Бјанка“ (фото)

Градските власти распишаа оглас за изработка на основен проект за реконструкција на фасадата на ТЦ „Палома бјанка“ .

Овој објект е еден од долгата низа згради во центарот на градот што ќе добие стилска фасада. Поголем дел веќе се рефасадирани, а на дел се работи.

Неодамна Град Скопје донесе одлука столбови и скулптура вметната во фасадата да има и на зградата на „Технометал“, да се стилизира и објектот на Стопанска комора, а во стилот на „Скопје 2014“ да се преслече и модерната стаклена зграда на Шпаркасе банка кај хотел „Бристол“. Планирано е и некогашната зграда на „Метропол“ на плоштадот „Македонија“ да се „вивне“ за неколку ката, а ќе добие и купола.

Нова фасада ќе добие и зградата на „Интекс“ на „Даме Груев“ и објектот во продолжение кон плоштадот „ВМРО“ каде што се сместени Агенцијата за државни патишта, Министерството за труд и социјална политика и други институции. За сите нив веќе се изработени основни проекти.