Градоначалникот Трајановски го посети Геронтолошкиот завод „13 Ноември“

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, денеска ги посетија корисниците на Геронтолошкиот завод „13 Ноември“, при Одделот за стари лица Мајка Тереза.

– Ме радува фактот што Ве гледам среќни и  задоволни од условите коишто ги имате во овој завод. Градот Скопје како што знаете поддржува повеќе активности кои имаат за цел да го подобрат квалитетот на вашиот  живот. Затоа  можете да користат бесплатен јавен превоз, во вторник, петок, сабота и недела. Покрај овие денови за Одделот „Мајка Тереза“, Градот Скопје обезбеди и 50 неперсонализирани електронски картички за јавниот градски превоз, за период од 1 година. Поставивме, на Ваше барање, и нова автобуска постојка, го уредивме дворот и Ви поставивме  клупи. Знаете дека секоја година Ви даваме подарок,  а  годинава Вие побаревте да Ви набавиме ЦД плеер за да можете попријатно да ги минувате деновите и ние ќе го набавиме – им порача Градоначалникот Трајановски на корисниците на на Геронтолошкиот завод.

Раководителот на Геронтолошкиот завод „13 Ноември“, Јорданчо Јосифов, му се заблагодари на градоначалникот Трајановски за поддршката којашто ја дава Градот на заводот и како благодарност од има на корисниците му подари икона Св.Кузман и Дамјан и еден пар рачно плетени чорапи од станарка на заводот.

Градоначалникот Трајановски им вети на корисниците дека повторно ќе ги посети за 8 Март, а една станарка којашто пишува поезија  вети дека ќе напише песна посветена на Скопје и дека ќе ја прочита на таа средба.

Градот обезбедува и организиран превоз до излетнички дестинации на подрачјето на Град Скопје или на територијата на Република Македонија, со што е овозможена поголема социјализација на старите лица. Во Буџетот на Град Скопје во 2017 година за оваа намена издвоени се 1. 000. 000,00 денари.

Преку реализација на споменатите активности, Градот Скопје влијае на унапредување на квалитетот на живот, здравјето и психофизичката состојба на старите лица, задоволување на  здравствените и социјалните потреби и нивна социјализација.

Градот и во иднина, во рамките на своите можности ќе бара форми и ќе презема мерки кои ќе придонесат за збогатување на секојдневниот живот на старите лица.