Градежниот бум во Скопје не се намалува иако градот е преплавен со готови непродадени станови

Градежниот бум во Скопје не се намалува иако градот е преплавен со готови непродадени станови.Оваа констатација ја потврдуваат статистичките податоци за првите седум месеци од годинава, кои што покажуваат дека за овој период на вкупно 625 инвеститори им се издадени одобренија за градење на станбен простор.

Во најградежниот регион во земјава - Скопскиот, за седумте месеци од оваа година се издедени одобренија за градење на вкупно 2.657 станбени единици со вкупна површина од 177.799 квадратни метри. На градежни фирми (деловни субјекти) им се издадени 202 одобренија за градење, а речиси двојно повеќе или 423 дозволи за градба добиле физички лица.

Во изминатите 7 години (од 2010 до 2016), биле издадени вкупно 5.853 одобренија за градба или секоја година во просек по 836. Од нив, за градење станови во високоградбата се поделени 4.001 дозвола или 570 просечно по година. Во седумгодишниот период со градежна дозвола се стекнале 972 деловни субјекти, односно 139 секоја година, што е многу помалку од првите седум месеци од оваа година - 202 одобренија за градба.

Наспроти континуираната експанзија на градење станови, квадратниот метар изградена површина е во постојан благ пад. Ако во 2010 година во престолнината квадрат станбен простор чинеше околу 1.050 евра, во изминативе 7 години цената се спушти на просечни 830 евра.

Пад и тоа за третина има на вкупните трошоци за комунално опремување на земјиштето за градење. Ако комуналните трошоци во 2010 година изнесувале 350 евра во цената на станбениот квадрат, лани инвеститорите за оваа давачка плаќале 235 евра што е цели 115 евра помалку што е заштеда на значителна сума на пари. На пример, за стан од 60 квадратни метри, заштедата изнесува 6.900 евра.

Освен намалувањето на комуналиите во падот на цената на становите влијаело и поевтинувањето на градежните материјали што овозможиле цената на станбениот квадрат дополнително да се спушти за 115 евра.

Статистичките податоци покажуваат дека и покрај давачките, бизнисот со станови и натаму важи за најпрофитабилен сектор. Квадратен метар станбена површина во Скопје се гради за цена од 350 до 450 евра, со сите платени давачки сумата стасува до 700 евра, а секоја цена над оваа, според познавачите на овој бизнис е чист профит. Ако се смета дека заработката на инвеститорот изнесува 10 проценти од цената на станот, тогаш, стан од 60 квадрати кој чини околу 50.000 евра, на оној што го изградил ќе му стави во џебот 5.000 евра.

Цените на становите во Скопје нагло порасна по осамостојувањето. Становите ги поскапе масовната миграција село - град и впечатокот дека инвестицијата во недвижности е со најмал ризик.

Исто така, во главниот град има јагма по дозволи за градење на индивидуални куќи. На физички лица во првите седум месеци од годинава се издадени 423 одобренија за градење. Од 2010 до 2016 година на физички лица им се издадени 3.029 одобренија, или по 432 годишно.