Градежниците се зафатени со „ѕидање“ на цените: Центар, Аеродром и Карпош најатратктивни општини

Значително паѓа изградбата на станови, но нивните цени растат.

Народна банка на Македонија во својот последен квартален извештај констатира дека на крајот на мината година по едноипол годишен постојан пад, цените на становите се зголемиле, а најновииот извештај на Државниот завод за статистика укажува на тоа дека оваа година почнува со најмал број издадени градежни дозволи за изградба на станови во последниве седум години.

Дека извесен период стивнува изградбата на станови констатираат и анаитичарите на НБРМ, но не можат да ја објаснат причината за растот на цените. Според податоците од кварталниот извештај, во четвртото тримесечје од минатата година цените на становите забележале годишен раст од 3,5 проценти.

– И покрај нагорното поместување, кај понудата и побарувачката за станови не се забележуваат позначајни промени кои би можеле да го објаснат ова поместување, се наведува во извештајот.

Во него се појаснува дека по значителното зголемување на понудата на изградени станови, поточно високиот раст на изградбата на станбени згради и издадените одобренија за градба во претходните три години, во текот на 2017 година се забележува значително забавување на прирастот на нови станови, односно има значителен збирен пад во првите три квартали од годината на изградбата на станбени згради и издадените одобренија за градба.

Отако во текот а 2017 година почнала изградба на 7.939 станови, од кои повеќе од половината, или 4.094 во Скопскиот регион, почетокот на оваа година, кога се издадени дозволи за градба на само 233 станови, не ветува повторување на таа продукција. За споредба, во јануари лани се издадени одобренија за градење на 563 станови.Во Скопскиот регион е планирана изградба на само 75 нови станови, од кои пак, 47 се во општината Кисела Вода. Не е издадена ниту една градежна дозвола за стан во најатратктивната општина во целата држава – Центар, до дека во Аеродром ќе се градат само четири, а во Карпош три стана.