Градењето поскапува, цените на становите стојат во место, а продажбата на минимум

Градењето станови станува поскапо, а продажбата потешка, иако цените стојат во место. Најновите податоци за трошоците за изградба на станови покажуваат дека во вториот квартал градежниците одвојувале повеќе пари за материјали и работна рака, како во однос на претходниот квартал така и во однос на лани истиот период.

Според Државниот завод за статистика во второто тримесечје од оваа година, во споредба со првото тримесечје, трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се повисоки за 3,1 процент, трошоците за материјали за 1,7 проценти, а за вработените дури за седум проценти. Споредбата со второто тримесечје лани покажува дека годинава трошоците скокнале за 6,4 насто, трошоците за материјали за 4,9 , а трошоците за вработените се зголемени за 10,6 насто.

Ова поскапување на градењето се надоврзува на тоа од првиот квартал годинава, кога споредено со истиот квартал лани, според статистичарите, трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се зголемиле за 5,2, трошоците за материјали за 3,6, а за вработените за 10 проценти.

Градежниците, сепак не очекуваат дека ова поскапување ќе повлече раст на цената на становите. Од Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија неодамна изјавија дека не очекуваат раст, туку напротив, пад на цените на новоградбите.

– Становите во Центар ќе ја задржат цената, како секаде во светот на таква локација, додека во другите општини може да поевтинат за одреден процент. Доаѓа време кога купувачите ќе ја одредуваат цената на становите, зашто во Скопје има многу непродадени, а не се сите квалитетни, изјави претседателот на ова коморско Здружение, Андреа Серафимовски.

Градежниците велат дека прават свои математики, за да не ги поскапат становите, иако остваруваат минимална заработка, додека пак за граѓаните, оваа ситуација е доказ дека цената на станбениот квадрат е напумпана.

Поскапувањето на градењето станови ги става инвеститорите пред две опции – да ги зголемат цените, или да намалат со градење. Судејќи според официјалните податоци што ги објавуваат катастарот и Државниот завод за статистика, тие веќе ја избрале втората варијанта. Последниот годишен извештај на Агенцијата за кататстар на недвижности исфрли на површина алармантен податок дека новоизграднеите станови едвај се продаваат. Или, лани од вкупниот број станови кои биле предмет на купоприодажна трансакција само 8,5 проценти биле новоизградени. Или, од пет до шест илјади новоградби, колку што е годишната продукција на нови станови, во текот на целата мината година продадени се 963. Ова, според Серафимовски довело до тоа конкретно во Скопје, каде е сконцентрирана станоградбата, да останат голем број непродадени станови.

Податокот дека градителите на станови се решиле малку да се повлечат го потврдува статистиката за издадени одобренија за градење. Според јуннските податоци, за над 40 проценти е намален бројот на станови за кои се издадени градежни дозволи во однос на лани. Или годинава во јуни општините издале дозволи за градба на 554 станови, за разлика од јуни лани, кога биле издадени одобренија за дури 919 нови станови.
Ова се случува во услови кога за да се поттикнат станоградбата и продажбата, стапката на ДДВ од пет проценти при прва продажба на стан се продолжува и во наредните пет години.