Град Скопје зеде учество во акцијата „Ден на дрвото – засадија својата иднина“

Градоначалникот Коце Трајановски, Заменикот на Претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, директори на јавните претпријатија на град Скопје, заедно со советници во Советот на Град Скопје, вработени во градската администрација, вработени во јавните претпријатија, ученици во средните училишта на Град Скопје, претставници од невладините организации и граѓани, денеска зедоа учество во 16-та Есенска акција за пошумување “Ден на дрвото – засадија својата иднина“.

- Градот Скопје и општините во Скопје и оваа година се приклучува на оваа масовна акција за садење на садници. Ние оваа акција ќе садиме на три локации и тоа на парк-шумата “Водно”, тука во Паркот на Природата “Гази Баба”, како и во населеното место Брњарци. Во Паркот на Природата “Гази Баба” сега ќе се засадат 400 садници, на Средно Водно до жичарницата ќе се засадат уште 100 дрва, обезбедени од ЈП “Паркови и зеленило”. Дополнително, Градот Скопје се приклучува и на активностите за пошумување во населеното место Брњарци, општина Гази Баба каде на површина од 45 хектари ќе се засадат 90.000 садници обезбедени од ЈП “Македонски шуми”, кажа градоначалникот Трајановски.

Овогодинешната 16 по ред акција “Ден на дрвото – засадија својата иднина“ се одвива на целата територијата на Република Македонија под мотото „Засади успех“.

- Владата на Република Македонија и оваа година ја поддржува оваа акција, каде денеска на повеќе 100 локации ќе се засадат три милиона дрвца на површина од 930 хектари земјиште. Со ова, во сите акции во рамки на “Ден на дрвото – засадија својата иднина“ засадени се вкупно 50 милиони садници, од кои зафатени се повеќе од 60 проценти – изјави Заменикот на Претседателот на Владата на Република Македонија Пешевски.