Град Скопје ги објави добитниците на Конкурсот за финансирање манифестации, проекти и творештво на други корисници и чинители преку кои се остварува локалниот интерес во културата. На конкурсот што беше распишан на 28.11.2017 год. пристигнаа 430 комплетни апликации.

Пристигнатите апликации беа оценети од шест стручни комисии, составени од претставници на Град Скопје, претставници од културните институции на Градот и истакнати културни работници. Тие водејќи се според критериумите и насоките наведени во објавата на конкурсот, донесоа одлука Град Скопје да поддржи 212 предлог проекти, односно речиси 50% од пристигнатите пријави. Од поддржаните предлог проекти по 22% им припаѓаат на музичката уметност и изведбените уметности; 20% за визуелни уметности и уметност на нови медиуми; 16% за издавачка и библиотечна дејност и по 10% за музејска дејност и промоција на културното наследство и меѓународна соработка.

За овој конкурс, градот издвои 16 милиони денари. За споредба, во 2016 година биле потрошени 10.300.500 денари, а во 2017 година 11.196.500 денари. Од нив, во 2016 година 22% биле предлог проекти на етничките заедници, а во 2017 година 28%. Оваа година за припадниците на заедниците се издвоени 28% од вкупната сума, односно 4.490.000 денари.

На Јавниот повик имаа право да учествуваат уметници, самостојни уметници,  установи од областа на културата, здруженија на граѓани, фондации и други правни и физички лица што вршат дејност од областа на културата во согласност со Законот за културата и други позитивни законски прописи во Република Македонија.

Заради поголема транспарентност и отчетност,  Градот Скопје воведува нова пракса во објавувањето на резултатите од Конкурсот  и Ви ја доставува листата на поддржани проекти.