Град Скопје работи на системско решение за зголемување на безбедноста на граѓаните и на бездомните кучиња

Градот Скопје  во текот на изминатиов месец интензивно работи на изнаоѓање системско решение за превенција и спречување на инциденти  што се поврзани со напади на граѓаните од кучиња, без разлика дали станува збор кучиња скитници или за кучиња кои имаат сопственици. 

За таа цел градоначалникот Шилегов донесе Решение и беше формирана работна група, составена од 5 члена, односно од еден советник во Советот на Град Скопје, вработен во Секторот за комунални работи на Град Скопје и по еден претставник од  здружението за заштита на животни Анима мунди, граѓанската иницијатива  Кане Корзо и  од Асоцијацијата на активности за правата на животните.  

- Единствениот начин системски да се реши овој проблем е преку обезбедување на контрола  на бројот на уличните кучиња по пат на хумано и одговорно времено стациониорање и третирање на животните. Истовремено бараме и системско решение за целосно регулирање на одговорностите на сопствениците на домашни миленици во насока на спречување на ваквите инциденти. Работиме на чипирање на сите кучиња во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство. Ова е процес кој одзема релативно долг временски период и заради тоа апелирам за разбирање од страна на граѓаните- изјави Шилегов.

Тој, потенцираше  дека станува збор за проблем кој подолго време е игнориран и запоставуван од претходната владеачка гарнитура, а Градот во соработка со трите здруженија за заштита на животните минатиот месец формираше работна група за следење на состојбата во работата на стационарот Вардариште и хуманиот третман на уличните кучиња.

- По инцидентот поврзан со каснување на повеќе граѓани од напуштено расно куче, забележано е поставување отров од страна на несовесни граѓани на фрекфентни локации низ Карпош, Центар и Аеродром. Ги повикуваме овие граѓани итно да престанат со поставувањето отров за кучиња од причина што со тоа прават повеќе кривични дела поврзани со насилство врз животните и предизвикување општа опасност. Но, мора да прифатиме дека инциденти имало и ќе има. Животните не ни се непријатели. Треба да се гарантира нивната благосостојба, но истовремено и безбедноста на граѓаните и нивната заштита од вакви или слични напади ни е приоритет. Фокусирани сме на овој проблем и се надеваме дека во најкраток можен рок ќе имаме финално решение на проблемот – изјави за медиумите градоначалникот Шилегов. 

Работната група изготви извештај со препораки за трајно решавање на проблемот. Препораките од овој извештај, заедно со препораките на Агенцијата  за храна и ветеринарство, ќе влезат во Програмата и Буџетот на Градот за 2018 година, а овие системски решенија истовремено ќе ја зголемат и безбедноста на граѓаните и заштитата на бездомните кучиња на територијата на градот Скопје.