Град Скопје: Продолжуваат активностите за расчистување на снегот

Изминатото деноноќие екипите на зимската служба на Град Скопје дејствуваа на сите булевари и улици што се во надлежност на Градот Скопје, каде што на истите, во периодот од 17 до 7 часот утрово се фрлени  285 тони индустриска сол.

На терен се интервенира со механизацијата на јавното претпријатие „Улици и патишта“, односно со 15 разновидни возила и машини, а на располагање е и механизацијата на преостанатите јавни градски претпријатија.

Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ и ЈП „Паркови и зеленило“ со луѓе и механизација работеа на  расчистување на тротоарите и на јавните површини што се во надлежност на Градот Скопје.

Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ работеа на расчистување на снегот од тротоарите, јавните површини, парковите и просторот пред автобуските постојки, каде што активностите ги спроведуваа со вкупно 115 лица и механизација (4 машини за чистење снег, четири камиони и еден багер. Изминатото деноноќие екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ работеа на расчистување на тротоарите на булеварите „Илинден“, „М.Т.Гологанов“, „В.С.Бато“, „Борис Трајковски“, „Јане Сандански“, „Србија“, „Партизански одреди“ (кај ТЦ Буњаковец), „Кочо Рацин“, улиците „Втора Македонска Бригада“, „Адолф Циборовски“, „Френклин Рузвелт“, кружниот тек во населбата Топанско Поле, просторот пред Собрание на РМ, патеките низ Градскиот парк, парк „Македонија“, паркот „Жена Борец“ и мостот „Гоце Делчев“.

Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје интервенираа на повеќе локации со 144 работници и механизација (три трактори со специјални четки за снег, еден трактор со специјални ножеви за снег, два мотокултиватора, три специјални возила и две патарки за расфрлање сол). Во текот на изминатото деноноќие екипите го расчистуваа снегот во внатрешниот простор на Клиничкиот центар, како и на плоштадот „Македонија“, улицата Македонија, во Старата Чаршија и на пешачките патеки и тротоарите на Камениот мост, мостот „Бит Пазар“ и мостот „Мајка Тереза“.  Покрај нив, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ ги расчистуваа и пешачките и велосипедските патеки по булеварите „Партизански одреди“, „Илинден“, „ВМРО“, „11-ти Октомври“, „Крсте Мисирков“, „Цветан Димов“, „Христијан Тодоровски Карпош“, „Александар Македонски“, „Кузман Јосифовски-Питу“, „Јане Сандански“, „Свети Климент Охридски“, како и улиците „Цветан Димов“, „Филип Втори“ и „Мајка Тереза“.

Екипите на ЈП „Водовод и канализација“, исто така, се излезени на  терен и  ги чистат  сливниците.

И во текот на денешниот ден екипите на зимската служба будно ја следат состојбата на градските сообраќајници и ќе интервенираат според потребите согласно со условите на теренот.

Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите.

Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и поголемите градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.

Апелираме до сите стопански субјекти во градот и до сите граѓани, кога ќе падне снег, да ги почитуваат законските обврски и да го расчистуваат снегот и мразот од пристапите до нивните деловни, односно станбени објекти.