Град Скопје повеќе нема финансиски да го поддржува возењето на пајтон на градскиот плоштад

Град Скопје повеќе нема финансиски да го поддржува возењето на пајтон на градскиот плоштад. За оваа намена, за која годишно се одвојувале побајаги средства од градската каса, за годинава не се предвидени средства од страна на Градот бидејќи овој проект наречен “Пајтон” е ептен нерентабилен и се покажа како “скапа” екскурзија на поранешниот градоначалник Коце Трајановски.

Како што објасни градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на брифингот со новинарите, од набавката на пајтонот и заклучно со 2017 година, од субвенциите од Градот потрошени се 10.779.317 денари, а приходите што се остварени од продажба на билети изнесуваат само 1.283.640 денари.

– Ова покажува дека трошоците за одржување на пајтонот и коњите се големи, а приходите минимални и се во сооднос осум спрема еден. Тоа нема повеќе да се случува – вели Шилегов.

Тој истакна дека дал налог да почне постапка за гаснење на фирмата “Луна” ДООЕЛ која стопанисува со пајтонот и коњите.

– Бројките покажуваат дека “Луна” нема приходи, па дури и вработените своите плати ги добиваат од субвенција од ЈП “Паркови и зеленило” – рече Шилегов.

Овој проект стартуваше 2012 година кога од градската каса за набавка на пајтонот и кожите беа издвоени 40.000 евра, а секоја година за негово одржување и ветеринарни прегледи за коњите се трошеа уште по околу 35.000 евра.

Пајтонот го влечат скапи коњи од видот липицанер кои бараат поинаков третман и поголема физичка искористеност. Шилегов вели дека се размислува липицанерите да бидат сместени во Хиподром, но станува дискутабилно колку е хумано овие коњи најголем дел од времето да го поминуваат затворени во штала.

Што се однесува до пајтонот, градоначалникот Шилегов немаше конкретен одговор, туку по кратко размислување и со насмевка кусо одговори:

– Би можело пајтонот да му го дадаме на купувачот на мерцедесот кој го наследив од Коце Трајановски, како аксесоар – рече градскиот татко.