Град Скопје објави повик за учество на уметници во годишната патувачка „Европска изложба“ во која уметници од повеќе европски градови ќе ги посетат градовите Ваљадолид, Ливерпул и Лублин во рамки на проектот „Креарт“.

Право на учество, како што информираат од Град Скопје, имаат уметници или уметнички групи од областа на визуелните уметности и уметоста на новите медиуми коишто живеат, работат или студираат во Скопје.

Пријавените уметници/уметнички групи треба да ја следат темата „Сиx мемос“ зададена од кураторот Бранка Бенчиќ, а избраните уметници ќе добијат авторски хонорар од 500 евра во денарска противредност од Градот Скопје врз база на авторски договор. Конечната селекција на уметници ќе биде извршена од кураторката Бранка Бенчиќ од Хрватска.

Заинтересираните уметници можат да поднесат пријава најдоцна до 27 ноември 2017 година на е-маил адреса nadap@skopje.gov.mk

Град Скопје е партнер во европскиот проект на мрежата Креарт, поддржан од програмата на Европската комисија „Креативна Европа“, а во кој учествуваат Валадолид од Шпанија, Каунас од Литванија, Авеиро од Потугалија, Загреб од Хрватска, Леече од Италија, Ливерпул од Велика Британија, Катовице и Лублин од Полска, Клермонд Феранд и Руен од Франција.