Град Скопје: Нема да може секој да се паркира во парк и да продава пијалоци

Имено од Град Скопје најавуваат измени во работењето на уличните продавачи.

Градот Скопје работи за подобрување на состојбите на уличните продавачи кои вршат услуги на јавни површини. Во таа насока, во наредниов период Советот на Град Скопје ќе донесе поголем број на одлуки со кои ќе се воспостави рамка за регулирање на голем број на досега нерегулирани моменти, како што се утврдување на бројот на возила и локации на кои можат да се постават истите, постапките за издавање на дозволи и лиценци, изгледот и димензиите на возилата и апаратите и слично – изјавија за Република од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека сите лица кои ги користат овие јавни површини, плаќаат соодветна такса на Градот врз основа на површината која ја завземаат, за што претходно мораат да поднесат и добијат Согласност за користење на јавни и зелени површини.

Со новите одлуки и измените на Одлуката за комунален ред во градот Скопје, во иднина сите кои ќе аплицираат за согласност за користење на јавни и зелени површини, ќе мора нивните возила да исполнуваат соодветни еколошки услови, поточно истите да немаат негативни еколошки влијанија врз околината (користат агрегат за напојување со струја, со ниска бучавост, високо квалитетен, нема индустриски агрегат и да има сертификат дека има ниска емисија на штетни гасови) – тврдат од Градот Скопје.