Град Скопје: Не купуваме пушки, туку бараме фирма што ќе заловува агресивни кучиња

Град Скопје демантира дека ќе набавува пневматски пушки наменети за заловување на бездомните кучиња од скопските улици.

„Овие паушални тврдења се лага со која се манипулира јавноста. Сакаме да нагласиме дека јавното претпријатие „Комунална хигиена“ е задолжено да се грижи за медицински третман на бездомни животни и за таа цел секоја година распишува тендер во кој се бара ветеринарна станица што ќе ги врши овие услуги. Во постапката не се бара купување на пушки, туку во техничката спецификација се бара фирма што ќе врши асистенција за заловување агресивни кучиња со пневматски пушки со употреба на соодветен анестетик, како и соодветна потврда издадена од МВР за управување со него. Истите услови при медицински третман на бездомни животни биле користени и во претходните години 2014, 2015, 2016 и во 2017 година и оваа метода е неопходна при справување со агресивни кучиња и таа е безболна. Наведената јавна набавка е поништена, а критериумите ќе бидат повторно разгледани и ревидирани“, се вели во соопштението.

Според Градот, ЈП „Комунална хигиена“- Скопје веќе две години поседува две пневматски пушки кои беа набавени од претходната градска власт, како и лиценца и дозвола за нивна употреба, но тие никогаш досега не биле употребени за време на заловување на бездомните кучиња. Пневматските пушки не се наменети за усмртување на животните, туку за нивно евентуално успивање, само и доколку се јават проблеми во текот на заловувањето.

„Сакаме да го потенцираме фактот дека секое заловено куче го прегледува екипа од ветеринари кои проценуваат дали животните се здрави и дали со своето однесување претставуваат опасност за безбедноста на граѓаните. Во однос на спроведувањето на програмата за хуман третман на животните и потребните хигиенско-технички стандарди, стационарот е под инспекциски надзор на Агенцијата за храна и ветерина“, се додава во соопштението.