Град Скопје изготвува Зелен катастар

Град Скопје ќе ги пребројува сите дрвја и грмушки на територијата на градот, во рамки на проектот изработка на Зелен катастар. Ова е особено важен документ кој ќе помогне во заштитата на јавното зеленило. За потребите на реализацијата на проектот, Град Скопје издвои 16 000 евра од годинешниот буџет. Дополнително 

Проектот Зелен катастар ќе се одвива во неколку фази. Годинава ќе се изработува документот, а наредната година ќе се набавува опремата потребна за одржување на јавните зелени површини. Зелениот катастар ќе овозможува податоци за јавните зелени површини, од типот, обем и вид на зеленилото, неговата состојба и местоположба. Инаку, постапката е веќе започната, па досега се снимени Градски парк и парк-шумата Гази Баба, како и булеварското зеленило. 

Надлежните велат, дека крајната цел на проектот да се спречи градење врз зелените површини во иднина. Катастарот ќе обезбеди информации потребни за одржување на постоечкото зеленило како и сопственоста на одредени површини со цел да се спречи нивно пренаменување во градежни земјишта. Освен теренско снимање, проектот ќе подразбира и софтверско и хардверско идентификување на податоците а за таа цел вклучени се неколку претпријатија од Град Скопје, „Паркови и зеленило“, УНДП и Шумарскиот факултет. 

На ваков документ главниот град чекаше 10 години, бидејќи без него не постои институционална заштита за јавните зелени површини. На овој начин ќе се знае колку и колкави зелени површини постојат на територијата на градот, колку од нив се исечени и колку нови се насадени. Според постоечките податоци кои се постари од 15 години, Град Скопје располага со зелена површина од 7,66 квадратни метри зеленило по жител. Овие бројки мораат да се земат со резерва, поради градежниот бум кој се случи во Скопје изминатите 15 години, како и зголемениот број на жители. Светската здравствена организација препорачува метрополите да поседуваат барем 9 метри квадратни зеленило по жител.