Град Скопје го поништи тендерот за набавка на реквизити за Луна паркот

Ниту една од понудените опции не ги исполнила побарувањата на Град Скопје, па така, тендерот е поништен и ќе биде објавен нов.

Понуди до Градот, доставиле вкупно 7 фирми, но ниту една не ги исполнила условите кои ги поставил Град Скопје. Набавката требала да се состои од 7 реквизити, дел од нив за деца, дел за возрасни. Вртелешка со хоризонтално ротационо движење, клупа со вертикален пад, нишалка со воздушно движење, реквизити со ротирачка платформа и други, биле побарани од компаниите. Предвидена е и набавка на мал воз со локомотива, наменет за мали деца, како и вртелешка со ротационо движење со сафари тематика.

Проценката на градот е дека новиот Луна парк ќе чини 6,5 милиони евра, а сретствата би се обезбедувале етапно во период од наредните 3 години. Врз основа на идејниот проект кој беше одбран, кој е дело на „Билд Урбан“ ДООЕЛ од Скопје, предвидени се и административни објекти, објекти за служење на храна и пијалоци, паркинг простор, затворен дел за играње, како и инфраструктурно приспособување на просторот.