Град Скопје: атмосферската канализациска мрежа подготвена за обилните дождови

Во пресрет на интензивните дождови кои метеролозите ги најавуваат за претстојниот период, од Град Скопје уверуваат дека мрежата на атмосферска канализација се одржува редовно и е подготвена за евентуалното невреме. 

Метеролозите најавија обилни врнежи на дожд за изминатата ноќ како и деновите кои следуваат. Но, истите, барем за сега, не предизвикаа било какви пречки во одвивањето на сообраќајот на градските булевари. Поучени од искуствата со дождовите кои го зафатија Скопје во август годинава, од градот уверуваат дека најдени се решенија за т.н. „црни точки“ каде претходно редовно се случуваа поплави на коловозите. Понатаму, тие апелираат до општините, редовно да водат грижа за постоечките, како  и да обрнат внимание на потребите за изградба на нови, дополнителни краци на местата каде е потребно. Според моменталната ситуација, Општина Карпош има најдобра покриеност со атмосферска канализација, што значи дека речиси сите сообраќајници имаат функционален систем за одлевање на атмосферските води. 

Екипи на ЈП„Водовод“ ќе бидат на терен во наредниот период, распоредени на клучните точки, околу подвозниците, со цел да реагираат уште пред да дојде до евентуално поплавување на истите. Механизацијата на ова јавно претпријатие има капацитет за испумпување на 80 литри во секунда, што се очекува да биде доволно за спречување од поплавување.