До архивата на Град Скопје денеска до 13 часот се доставени 133 барања за надоместување на дел од трошоците на граѓаните за купување печки на пелети.

- Комисијата веќе почна да ги разгледува пристигнатите барања и наскоро ќе врши увид на инсталираните печки кај барателите кои ги исполниле условите наведени во објавениот Јавен повик, соопшти Град Скопје.

Пријавувањето на јавниот повик на Град Скопје почна од завчера и ќе трае до 22 ноември 2017 година.

Целта е да се стимулираат скопјани за користење обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени.

На жителите коишто ќе купат печки на пелети од денот на објавување на Јавниот повик, а заклучно со 22-ри овој месец ќе им обезбеди поврат на средства во висина од 70 отсто, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен ДДВ. Добитниците ќе бидат избрани по принципот „прв дојден прв услужен’’.

Јавниот повик е објавен на веб-страницата на Град Скопје (http://www.skopje.gov.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=654) и во печатени медиуми.

Право на учество на овој Јавен повик имаат жителите на Скопје во општините: Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај, кои ќе купат печка на пелети за затоплување на својот станбен простор од денот на објавувањето на Јавниот повик до денот на завршувањето на повикот и ќе поднесат барање за искористување на правото за надоместок. На Јавниот повик немаат право на учество домаќинствата кои имаат приклучок на градското централно греење, без оглед на тоа дали го користат, како и сопствениците на станбени објекти кои се се уште во фаза на изградба и не живеат во објектите.

Купувачот на печка на пелети своето барање за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да го достави во затворен плик до Град Скопје, булевар „Илинден“ број 82, во архивата на Градот, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот