Годишно од 5000 смртни случаи во Скопје, околу 1000 се поврзуваат со загадениот воздух

Годишно од 5000 смртни случаи во Скопје околу 1000 се поврзуваат со загадениот воздух. Штетните ПМ честички се една од причините за зголемениот број на лица со респираторни заболувања, срцеви и мозочни удари, тврдат од Институтот за јавно здравје.

-30 до 40 проценти можат да се спасат ако ги спуштиме концентрациите на Европскиот лимит, изјави за Сител проф. д-р Драган Ѓорѓев, експерт за јавно здравство во ИЈЗ.

Според податоците од министерството за животна средина изминатите 10 месеци граѓаните во главниот град дишеле загаден воздух меѓу 79 и 139 денови. Професорот Ѓорѓев е категоричен дека Скопје ги има сите можни загадувачи.

-Извори на загадување најмногу 40 проценти е греењето, транспортот и секако дивата урбанизација, ги затнува каналите на проветрување и емитира висока концентрација на прашина, вели проф. Ѓорѓев.

Деновиве кога загаденоста на воздухот во Скопје и уште неколку градови е неколку пати над дозволеното за да се спаси здравјето на граѓаните професорот Ѓорѓев предлага надлежните да превземат Итни мерки.

-Да се направи регулација на сообраќајот и да биде рестриктивен во централното градско подрачје, да се засили јавниот превоз, да се субвенционираат социјално загрозените за греење зошто тие користат најнеквалитетно греење, додаде проф. Ѓорѓев.

Според искуствата од други земји во критични периоди кога загаденоста на воздухот ќе биде алармантна неопходни се и вонредни мерки за заштита на населението – Децата да не се оди во училиште,во градинка и на работа, препорачуваат експертите.