Годините не се пречка - скопјани се постари влегуваат во брачни води

Скопјани сe подоцна стапуваат во брак и во речиси 70 отсто од браковите младенците се стари од 33 години нагоре.

Цена Ангеловска, матичарка во скопската служба вели дека денес брак меѓу дваесетгодишници е реткост, а намалена е и бројката на малолетничките бракови.

- Ми остави впечаток еден брак од неодамна, меѓу дедо од 78 години и баба од 72 години, кои се запознале во пензионерски дом - вели Ангелковска.

Се склучуваат бракови и со странски државјани од сите делови на светот.

- Најчесто со Срби, Бугари, Босанци и Грци. Но, ги има и од Индија, Тајван, Индонезија, Америка, Австралија. Имавме и невеста црнкиња од Јамајка, која тука се омажи со Македонец. Работат на брод, таму се запознале и склучиле брак, кој потоа го легализираа и овде. Има и наши печалбари што доаѓаат во Македонија за да се оженат - вели Ангелковска.

Најмногу бракови се склучуваат во мај, јуни, септември и октомври, кога во викенд се склучуваат и по 17 брака на ден.

Иако се склучуваат бракови меѓу лица со различна вероисповед, Ангелковска вели дека досега не се случило да биде сведок на некој интересен обичај пред матичното.