Го учат возниот ред за да не им „кидне“ автобусот

Жителите од населбите Островска и Вардарска во Општина Аеродром мака мачат со автобуските линии кои сообраќаат многу ретко и воопшто не се прилагодени за потребите на тамошното население кое брои над десетина илјади граѓани, пренесува Слободен печат.

Имено, граѓаните што живеат на само неколку километри оддалеченост од центарот на Скопје, секојдневно се принудени да чекаат по половина час, за да дојде автобусот со број 27, кој е единствен што сообраќа на улицата Ѓорѓи Капчев или пак автобусот со број 17, кој ги превезува патниците од улицата Тодор Чангов.

Најдраматична е состојбата со недоволна фреквенција на автобусите во летниот период. Тогаш тие возат редуцирано, на еден час, па патниците поради летниот распуст на учениците се принудени да чекаат превоз до посакуваната дестинација и на плус 40 степени целзиусови многу долго време.

Од Општина Аеродром на чија територија се наоѓаат улиците Ѓорѓи Капчев и Тодор Чангов, велат дека се информирани за овој проблем и дека работат на негово решавање. Како што информираат оттаму, пред 2015 година автобусите на овие делници сообраќале уште поретко. Оттаму објаснуваат дека истата таа година, тие како општина побарале од надлежните во Град Скопје воведување поголем број автобуси што сообраќаат на овие линии.

– Од 28.1.2016 година линијата 27 сообраќа по нова траса прилагодена според потребите на граѓаните и со зачестен редослед во утринските часови и во периодот околу 15:00 часот. Во однос на линијата 17а, барањето за зачестен сообраќај од 2015 година било одбиено – информираат од Одделението за односи со јавност на Општина Аеродром.

Од општината информираат дека од нивна страна повторно подготвуваат барање во соработка со урбаните заедници за дополнително зголемување на фреквенцијата на линиите 27 и 17а.