Го паметите Циганското маало во Скопје? Еве како изгледал овој дел од градот!

Гази Менташ или Циганско маало се протегало од р. Вардар, односно од Камениот мост, до тогашната Железничка станица. Од Гази Менташ кон Водно се протегале бавчи и ниви и само овде-онде имало по некоја куќа. Во ово маало имало голем број цигански куќи, слични со оние што биле во Топаана.

Во периодот  помеѓу двете светски војни маалото останало речиси со ист национален состав, а за време на изградбата на железничката теснолинејка Скопје-Охрид-Струга, бројот на населението се зголемил. Како евтина работна сила,  Циганите  се населувале во ова маало и заземале трето место во вкупниот број на население во Скопје, по Македонците и Турците.

Голем број Цигани престанале да се занимаваат со производство на шалитра откако била изградена  железничката линија Солун-Скопје-Белград. Циганите не го менувале местото на живеење по своја волја. Познати се неколку нивни насилни преместувања од страна на градските власти.

На крајот на ова маало се наоѓал познатиот  хотел “Турати”.

Во првите децении на првата половина на 20 век се појавила промена на националниот состав на ова маало.

Гази Менташ маало го зафаќало просторот каде што денес се наоѓа “Вардар увоз-извоз” банка и ТЦЦ “Плаза”, од хотелот “Турист”, до Домот на градежниците кои некогаш биле сопственост на Јанакија Кусабула (Тошев).

 Јанакија Кусабула (Тошев), папуџија,  сопственик на фурни и  кафеана

Во ова маало се наоѓале  три фурни и една кафеана, од каде што тој,освен од папуџискиот занает, ги добивал главните приходи. Јанакија Кусабула зборувал  еврејски, грчки, ерменски, турски, српски  и македонски јазик. Тој многу го сакал цвеќето и неговиот двор наликувал на огромен изложбен простор со цвеќиња меѓу кои била и  ѓурѓината  тешка еден килограм и седумстотини грама, т.е. тоа е цвеќе што тој го вкрстил сам од јасмин и анамска рака. На домашната слава во неговата куќа, на денот на Св.Арангел,  доаѓале дури  и владиките од Скопје. За подготовките на славата биле ангажирани и по 16 готвачи, а имало и четири момчиња што ги средувале и чистеле чевлите на гостите. Неговата ќерка Ефта станала прочуена шивачка со сопствен салон со десет шивачки, од каде што купувале и грчките конзули. Јанакија Кусабула Тошев инаку доживеал длабока старост и починал по стотата година, оставајќи ги македонските корени во сопствената земја преку своите ќерки Пандора, Ефта и Сава.

 Во периодот помеѓу двете светски војни на овој простор почнуваат да се градат многу нови куќи. Со својата убавина се истакнувала куќата на Шкаперда и др.

 Шкаперда,  трговци со градежен материјал

Видната  фамилија Шкаперда  води потекло од Крушево и е стара влашка фамилија. Никола бил на печалба во Света Гора на почетокот на 20 век, оставајќи ја дома својата жена со 6 деца. Кога се вратил од печалба, се преселил со својата фамилија во Скопје, но набргу потоа му умрела жената Домница (по потекло од угледната влашка фамилија Ничота). По доселувањето во Скопје, Никола ги дал своите синови Михајло и Јанко на школување, а тој се преженил. Михајло по матурирањето во Романската гимназија во Битола ја завршил и Експортната академија во Букурешт, а брат му Јанко се школувал во Франција.

Никола Шкаперда станал сопственик на магацин за градежен материјал во Скопје, за кратко време го разработил и создал  голем капитал и углед во градот. Тој не го зел својот син Михајло веднаш по дипломирањето во својот дуќан, туку како секој добар деловен човек, прво го пратил младиот економист на пракса во банка за подобро да го усоврши занаетот. Дури по смртта на Никола во 1924 год. браќата  Јанко и Михајло целосно ја презеле работата во свои раце. Складот со градежен материјал бил сместен на плоштадот, на околу 2000 м2, а имале и уште еден склад на 7 колосек на старата Железничка станица каде што пристигнувал материјал од Словенија и Босна.

Фамилијата во прво време живеела во Пајко маало, каде што Михајло ја донел својата жена Аглаица Сапунџи. По нивната венчавка биле на свадбен пат  во Букурешт каде што се сретнале со архитектот Симота, кој бил другар на Михајло од студентските денови и тој им ветил дека ќе им направи план за куќа како свадбен подарок. Во 1930 год. Михајло ја започнал изградбата, а куќата ја  лоцирал во центарот на градот (денес во неа е сместена Италјанската амбасада). Куќата е градена во романско-бојарски стил со посебна карактеристична кула. Куќата и денес претставува посебно архитектонско обележје на градот. Во куќата се преселиле во 1932 год., кога Домница, единствената ќерка на Аглаица, имала 8 год.