Ѓорче Петров подготвено го дочека снегот

Кризниот штаб на општината, како и сезонските работници, во текот на вчерашниот ден беа на терен расчистувајќи ги клучните места на територијата на општината од снежните наноси кои паѓаа во текот на целиот ден. 

Сервисните улици, приодите кон автобуските станици и амбулантите, тротоарите, паркинзите и други клучни места беа расчистени од снегот со што им се овозможи нормално функционирање на граѓаните кои имаа потреба да ги користат. 

Од општината велат, дека сите важни сообраќајници беа оспособени за непречено движење на возилата. По улиците во Ѓорче Петров фрлени се вкупно 3 тони сол, што ги направи проодни улиците и на истите сообраќајот се одвива непречено и без застои. На терен се и мобилни екипи кои реагираат според потребите на клучните точки низ општината. Се работи и на расчистување на приодите кон руралните делови на Ѓорче Петров, односно кон селата Кучково и Никиштане. 

Од општината апелираат до граѓаните да се погрижат да го расчистат снегот пред своите дворови и влезовите во станбените згради и на тој начин да допринесат во целата ситуација.