Ѓорче Петров подготвено го чека првиот снег

Локалните патишта и улици на територијата на Општина Ѓорче Петров нема да бидат проблематични во снежните денови кои претстојат. Ова е генералниот заклучок донесен на денешната седница на Општината. 

Градоначалникот Сокол Митровски и членовите на Кризниот штаб разговараа и договорија план за навремено дејствување во услови на снег, по однос на расчистување на истиот од сообраќајниците и овозможување нормални услови за сообраќаен промет. Заклучено беше дека службите на општината се подготвени со сол и механизација да одговорат на временските услови кои ќе претстојат во наредниот период. 

Покрај капацитетите со кои располага општината, склучени се и договори со приватни фирми кои имаат на располагање механизација од овој тип, со што временските услови нема да можат да ги изненадат Ѓорчевчани. Формирани се екипи кои ќе дежураат 24 часа, а на улиците низ општината ќе оперираат соларки за чистење на снег, грејдер, камион-кипер и булдожер. При интервенирањето, предност ќе им се даде на сообраќајници кои поврзуваат здравствени и образовни установи, како и населени места и оние по кои се одвива јавниот градски превоз. 

Оспособувањето на сообраќајниците во услови на снег, приодите до витални објекти како и критични точки на територијата на Ѓорче Петров, примарно ќе ги врши ЈП „Улици и патишта“.