Работниците се жалат дека се пријавени со скратено работно време а држат повеќе од цела смена а други добиваат полн износ од платата на трансакциска сметка но дел од парите им ги враќаат на газдите.

Ова се случува постојано а посебно во текстилната и преработувачката индустрија додека работниците се оставени сами на себе без никаква заштита. Газдите прават злоупотреби со минималната плата додека работниците мораат да молчат за ваквиот вид на злоупотреба бидејќи зависат од таа работа за основна егзистенција. Голем дел од газдите им уплаќаат минимална плата на работниците во банките но потоа им бараат назад дел. Ова се случува често и на крајот најоштетени се работниците.

Голем дел од експертите пред да се донесе законот за минимална плата алармираа за ваквата ситуација и можна злоупотреба но владата не ги зема во предвид ваквите забелешки. Од синдикатите реагираат дека работниците едвај врзуваат крај со крај и со износот од минималната плата кој изнесува 12.000 денари додека работодавачите им ја кратат и таа плата која е утврдена со закон . Пред да се донесе законот за минимална плата реагираа и работодавачите изјавувајќи дека текстилната чевларската и преработувачката индустрија не се доволно продуктивни и немаат никаква помош од државата во поглед на зголемување на продуктивноста преку модернизирање на производството.

Тие уште кога се носеше законот предупредуваа дека овие индустрии не се во можност да исплаќаат минимална плата во висина од 12.000 денари и дека оваа сума не е одредена врз база на реалната слика во споменатите индустрии. Исто така уште кога се носеше законот голем дел од нив изјавија дека ќе мораат да им скратат на работниците превоз за да може да ги покријат трошоците кои ќе бидат предизвикани од исплатата на покачената минимална плата. Но и на оваа забелешка не реагираше владата и го донесе законот без да ги вклучи овие размислувања и забелешки од засегнатите страни.

При слаби инспекции и злоупотреби на ваков начин од страна на работодавачите на удар се работниците кои на крајот најскапо го плаќаат цехот за новиот закон за минимална плата, додека владата се фали дека го кренала просекот. На крајот од денот работникот е експлатиран и не е доволно платен за својот труд.