Гази Баба, Штип и Гевгелија со иницијативи за референдуми против масовно доселување на мигранти

Штип, Гази Баба и Гевгелија се приклучуваат на иницијативата за референдуми против изградбата на населби за мигранти, а граѓанската иницијатива „Будење“ почнува да зема замав низ повеќе општини и градови. 

Граѓаните гласно кажуваат НЕ за доселувањето на мигранти на територијата на Република Македонија.

За неполни два часа Граѓанската иницијатива „Будење“ Гази Баба, вчера собра повеќе од 400 потписи за одржување референдум заради Националната стратегија за интеграција на бегалци и странци 2017-2027.

-Граѓанската иницијатива „Будење“ Гази Баба се спротивставува на идејата за населување на мигранти во нашата општина. Целта на Граѓанската инцијатива е да ја спречиме одлуката на Владата за доселување мигранти, после што, ништо нема да биде исто, велат од иницијативата.

Оттаму посочуваат дека со населување на мигранти во Република Македонија ќе се зголемат трошоците на државата за домување на овие луѓе, ќе се зголеми стапката на криминал и ќе се смени структурата на населението.

-Затоа иницираме до Советот на општината распишување на референдум по однос на ова прашање. Ќе собираме потписи против овозможување услови за населување на мигрантите,истакнуваат од Иницијативата.