Лешница е долина која се наоѓа во средишниот дел на Шар Планина во пределот на највисоките шарски врвови, помеѓу врвовите Среден Камен и Плат. На југозапад е оградена со највисокиот Титов Врв, додека на југоисток со вториот највисок врв Бакардан, на запад со Среден Камен и на исток со Плат, додека кон север е отворена и се спојува со долината на реката Пена, во нејзиното горно сливно и изворишно подрачје. Се дели на Долна Лешница на надморска височина од 1450 метри и Горна Лешница од 2221 метар надморска височина.