ГАЛЕРИЈА: Погледнете што е пронајдено при истражувањето на локалитетот Горна Порта

Во рамките  на Годишната програма на Министарството за култура, во тек се систематски археолошки  истражувања на локалитетот Горна Порта во Охрид, каде што за прв пат беаоткриени најстарите погребувања, а во еден од гробовите, беше пронајдена златната маска, златната ракавица и уште 70-тина други златни,сребрени,бронзени,килибарни и други предмети.

Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид во текот на годинешните истражувања досега откри 85 гроба од кои 12 гроба кои датираат од македонско- хеленистички период  односно некаде од 3-2 век п.н.е.,  а останатите се од османлискиот период од периодот на 15 до крајот на 18 век.

Во гробниците од македонско – хеленистички период кои се со гробни конструкции од необработен камен, досега пронајдени се  најразлични прилози карактеристични за периодот на погребување како керамички амфори, калапени чаши, делови од војничката опрема- копја, ножеви,  накит- златни обетки со негроидни глави и со претстави на ерос, гердани со мониста од стаклена паста, привезоци, фибули и прстени, а во три гроба се пронајдени и бронзени садови.

Од периодот на доцната антика откриени и истражени се 11 јами и дел од рустикален објект,а пронајдено е поголемо количество византиски монети, неколку сребрени венецијански грошеви и една сребрена монета на кралот Волкашин.Гробовите од османлискиот период  пак се главно со христијанска ориентација  и во се пронајдени бронзени копчиња, обетки, срма,  а зачувани се и делови од органски материјали -кожни обувки, дрво).  

Во текот на досегашните истражувања најстар наод на теренот е праисториско камено секирче, а најмлад османлиски монети од 19 век.Археолошките истражувања на локалитетот Горна Порта продолжуваат до крајот на септември годинава.