ФЗОМ советува: Побарајте привремена здравствена легитимација пред заминување на одмор

Фондот за здравствено осигурување ги известува сите осигурени лица дека за време на годишниот одмор можат да го остварат своето право на итна и неопходна здравствена заштита надвор од територијата на Македонија, и тоа во следните земји: Германија, Австрија, Турција, Хрватска, Словенија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Босна и Херцеговина, Чешка, Холандија, Луксембург, Белгија, Франција и Италија, Словачка и Албанија.

Под итна и неопходни здравствена заштита се подразбира користење на здравствени услуги чиешто пружање не може да се одложи до планираното враќање во Македонија.

За таа цел пред патувањето во странство осигурените лица треба да се обратат во подрачната служба на ФЗОМ каде што е поднесена пријавата за задолжително здравствено осигурување, и да пополнат барање за издавања на двојазичен образец за една од наведените земји. Кон барањето се приложува потврда за здравствената состојба, издадена од избраниот лекар (општ и гинеколог за жени), како и наод, оценка и мислење на лекарската комисија на ФЗОМ.

Двојазичниот образец на осигурените лица на ФЗОМ им служи како привремена здравствена легитимација во земјата каде што патуваат и со него осигурените лица на ФЗОМ се изедначени, во однос на правата и обврските, со осигурените лица на државата во која престојуваат. Тоа значи дека на основа на двојазичниот образец осигурените лица на ФЗОМ ќе можат да користат итни и неопходни здравствени услуги и за истите ќе треба да платат само партиципација, доколку во законските прописи на земјата во која се престојува е предвидено тоа. Во спротивно осигурените лица на ФЗОМ не подлежат на никакви трошоци за користените здравствени услуги.

Ако осигурениците за време на летните одмори користат итна и неопходна здравствена заштита во земји со кои Македонија нема договор за социјално осигурување , како на пример Грција и Швајцарија, тогаш тие можат да се обратат до надлежните служби на Фондот заради рефундирање на потрошените материјални средства, со содветна медицинска документација и со фискални сметки за наплатени здравствени услуги.