ФЗОМ ќе ги зголеми квотите на аптеките

Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) и овој месец ќе ги зголеми квотите на аптеките, откако изминативе денови граѓаните реагираа дека не можат да подигнат лек на рецепт. Од ФЗОМ соопштија дека 776 аптеки ќе добијат 12.000 денари зголемени квоти за март, пишува СДК

„Седумстотини седумдесет и шест приватни здравствени установи – аптеки, со кои Фондот за здравствeнo осигурување во моментов има склучено договор, за месец март ќе добијат рамномерно зголемување на квотите за лекови за 12.000 денари. Континуирано ја следиме достапноста до лековите на рецепт и работиме на обезбедување подобра снабденост со лекови во текот на целиот месец. Ова го правиме за да можат осигурениците да ги подигнуваат потребните лекови во аптеките во близина на нивното место на живеење“, велат од ФЗОМ.

Од Фондот велат дека линеарно зголемување на квотите обезбедиле за сите аптеки, освен за оние кои веќе имааат максимална месечна квота од 650.000 денари, и дека зголемувањето ќе важи само за месец март.

„Сакаме да укажеме дека еден од условите за зголемување на месечната квота е аптеките да издаваат најмалку 20 отсто лекови за кои осигурениците не треба да доплаќаат. Продолжуваме внимателно да ги следиме состојбите со достапноста налековите на рецепт во аптеките“, велат од ФЗОМ.