Фото: Водно ослободено од возила - радост и за децата и за возрасните

Бесплатниот автобуски превоз до Средно Водно кој почна да се применува од денеска и сончевото време привлекоа голем број граѓани да го поминат денот на чист воздух и во природа. На Средно Водно со автобус се качи и градоначалникот Петре Шилегов кој ги промовираше поставените детски едукативни инсталации наменети за најмладите, за подигање на нивната еколошка свест и култура. Градот Скопје, детски едукативни инсталации на тема „Во имагинарниот свет на децата“ постави на три локации, во паркот „Македонија“, во Градскиот парк и на Средно Водно.

- Овие инсталации како објекти во јавен простор со високи естетски вредности очекуваме да придонесат кон подобрување на културните навики кај децата и нивниот однос кон јавните добра и површини. Нашите заложби се здрава животна средина и чист простор за спорт и рекреација. Денеска го ослободивме Водно од возилата. Во согласност со забраната за движење возила до Средно Водно за време на викендите и државните празници која започна денеска, тука пристигнавме користејќи го јавниот автобуски превоз којшто на почетокот е бесплатен за време на забраната. Обезбедивме и бесплатен паркинг за возилата во непосредна близина на почетните автобуски постојки. Дополнително, потенцирам дека оваа мерка не го решава проблемот со загадувањето на воздухот. Оваа мерка има за цел заштита на природните убавини на Водно, повеќе простор и почист простор за одмор, спорт и рекреација – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Градот Скопје од денеска воведе забрана за движење возила на патот до Средно Водно која ќе важи секој викенд и за време на државните празници, и тоа во еден правец, од клучката за Сопиште до Средно Водно и од паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“ до Средно Водно.

За да им излезе во пресрет на граѓаните што сакаат да се рекреираат на Водно Градот Скопје воведе 2 (две) нови пробни автобуски линии што сообраќаат по принципот на шатл-линии, односно, автобусите се полнат со патници на почетната станица и возат без застанување до Средно Водно. Едната автобуска линија тргнува од пред катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј, а втората тргнува од паркингот кај Цветниот пазар (Дом на печат).

Покрај 2. (двете) нови пробни автобуски линии, граѓаните можат непречено да ја користат и постојната автобуска линија – линијата со број 25 до Средно Водно.

Возењето на овие три автобуски линии (25, 25А и 25Б) на почетокот ќе биде бесплатно. Во пресрет на граѓаните, Градот Скопје обезбеди и бесплатно паркирање во катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј и на паркингот кај Цветен пазар (Дом на печат).

Забраната за движење моторни возила до Средно Водно нема да се однесува на автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), возилата на полицијата, противпожарната бригада, итната медицинска помош, возилата на штабовите за итни интервенции, како и на возилата со посебни одобренија.