ФОТО: Вардар се излеа во центарот на Скопје

На неколку места е излеана реката Вардар во Скопскиот регион. Излевање има по течението во центарот на Скопје, како и кај мостот кон Јурумлери во општина Аеродром и на местата викани Вител, Чука и Средоред во општина Зелениково.

Центарот за управување со кризи информира дека во останатите делови од државата на места поплавени се земјоделски површини, а во општина Маврово и Ростуше над селото Жировница делумно е почнато да се лизга земјиштето и постои опасност тоа да се зголеми. 

Во општина Боговиње, на патот за селото Ново Село има одрон во должина од пет метри и се очекува во текот на денот да почне чистењето. 

Во Тетовски регион нема нови излевања и водата од веќе излеаните површини се повлекува. Нивото на водата од реката Вардар во селото Форино е малку намалена и жителите бараат од ЕЛЕМ Гостивар и денеска да биде намалено производството со електрична енергија бидејќи има некои земјоделски површини што се поплавени од вода.

Во општините Охрид, Дебарца и Кичево состојбата се нормализира, а во општините Македонски Брод и Пласница поради сеуште високиот водостој на повеќе места има излевање на реката Треска и поплавени се земјоделски површини, ливади и овошни насади.