Фото: „Рекорд“ стана пешачка зона

Улицата „Димитрија Чуповски„ или местото познато како „Рекорд“ денес, еден час стана пешачка зона. На улицата Димитрие Чуповски се организираше велокафе на улица, а граѓаните имаа можност да се дружат на отворено и да уживаат во настапот на Градскиот оркестар. Учениците од ОУ „Димитар Миладинов“, пак, цртаа на асфалтот и на хартија на тема екологија.

Градот Скопје денеска се приклучи кон големото семејство европски градови кои ја одбележуваат Европската недела на мобилност 2017 (ЕНМ 2017) и во наредните седум дена за граѓаните ќе понуди низа активности посветени на алтернативното и одржливо движење. Во име на Град Скопје, пристапница за приклучување кон ЕНМ 2017 денеска потпиша градоначалникот Коце Трајановски.

Градот Скопје се приклучува кон Европската недела на мобилност 2017, која годинава се одржува под мотото „Споделувањето те движи напред“ и во која учествуваат повеќе од 2.280 градови. Европската недела на мобилност е кампања која промовира визија на градски улици за велосипедистите, пешаците, возачите на ролери, тротинети, скејт-борди, корисници на инвалидски колички, на сите учесници во сообраќајот кои не ја загадуваат животната средина, не прават бучава и не го заземаат животниот простор на своите сограѓани. Целта на Европската недела на мобилност е да се отстранат проблемите што моторните возила ги предизвикуваат во градовите и повторно да им се врати просторот на пешаците и велосипедистите, како и на јавниот превоз. Овде не се работи само за рестрикција на сообраќајот, туку и за поттикнување на граѓаните да се вклучат во локалниот живот и да бидат одговорни спрема животната средина. Со приклучување кон Европската недела на мобилност и почитување на нејзините цели, сите ние правиме многу - за животната средина во која живееме, за квалитетот на животот, за безбедноста во градот, за своето сопствено физичко и психичко здравје – рече денеска градоначалникот Трајановски.

Трајановски посочи дека Градот Скопје е свесен за важноста на оваа манифестација, па затоа, од 2011 година, кога од одбележување на Денот без автомобили премина во организирање на Европската недела на мобилност, се стреми да иницира, осмисли, организира и реализира активности преку кои ќе ја подигне јавната свест, ќе ги промовира своите проекти што во рамките на своето редовно работење ги спроведува и информирајќи ја јавноста ќе ја поттикне активно да се вклучи во менувањето на навиките и во утврдувањето на приоритетите во заедницата.

Градоначалникот Трајановски денеска предводеше велосипедска тура што се возеше по обележаните велосипедски патеки низ центарот на градот, поточно од Градскиот парк, по булеварот Илинден, по булеварот Свети Климент Охридски, по булеварот Партизански одреди и по улицата Васил Главинов со крајна дестинација на улицата Димитрие Чуповски која што беше затворена за сообраќај.