Фото: „Комитите“ со емотивна порака се разделуваат од ракометарките на Вардар

„И нас нè боли, но вие и понатаму ќе бидете наши идоли“ – транспарентот со кој верните навивачи на ЖРК Вардар ги пречека „своите идоли“, вардарки, во „Јане Сандански“ на денешното соочување со црногорска Будуќност.

Во ЖРК Вардар од следната сезона ќе настапуваат само македонски ракометарки. Ѕвездите во тимот се слободни да се побараат други ангажмани. Ова го потврди претседателката на клубот Гордана Нацева.

– Клубот останува максимално фокусиран на главната цел – освојување на трофејот во Лигата на шампионите. Тоа е првата работа за нас и останува цел и оваа година. Клубот од септември ќе настапува со играчи од сопствениот погон, млади ракометарки од школите на Вардар. Планираме со нив да се работи на подолг рок, да им се наметне амбиција и во иднина тие да станат дел од македонската репрезентација за ЕП во 2022 година. Тоа е мотив и предизвик за нас. – изјави Нацева.

ЖРК Вардар четири сезони по ред настапува на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите, три пати беше трет, а лани ја освои вицешампионската титула. Сезонава вардарки се единствената непоразена екипа во досегашниот тек од ЛШ и амбициите се и оваа сезона, последна во овој состав, да се заврши на подиумот во Будимпешта.