Фото: Камен темелник на нова градинка за малите дечиња од Бардовци

Со поставување на камен темелник, денеска градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, свечено ја најави изградбата на новата детска градинка во населбата Бардовци. Оваа претшколска установа ќе биде лоцирана во рамките на училишниот двор на ООУ „Аврам Писевски“ и ќе зафаќа површина од 521 м2. Вкупната вредност за изградба на овој капитален објект изнесува близу 24.000.000 денари, од кои 7.300.000 денари се обезбедени од ИПА програмата за општински рурални инвестиции, преку Министерството за финансии на Р.М. Останатите средства, односно 16.700.000 денари од својот буџет ги обезбеди Општина Карпош. Изведувач на градежните работи ќе биде фирмата „Конструктор“.

По скоро две и пол години во соработка со Светската банка и ИПА програмата, Општина Карпош доаѓа до овој камен темелник каде што градиме градинка за нашите најмали жители од населбата Бардовци. Со ова ја прошируваме мрежата на детски градинки во нашата општина, како што го направивме тоа со изградбата на предучилишната установа „Пролет“ во Козле - истакна Јакимовски.

Првиот човек на Општината потсети дека ова е единаесетти објект кој го гради локалната самоуправа и напомена дека догодина Општина Карпош ќе продолжи со изградба на детски градинки во населбите Злокуќани, Нерези и Влае 2. 

Со тоа, секоја урбана заедница во Општина Карпош ќе биде покриена со детски установи, така што родителите ќе ги згрижат своите деца во градинките кои функционираат во месноста во која што живеат – додаде градоначалникот Стевчо Јакимовски.

Градинката која треба да биде изградена за една година, функционално е организирана како симетричен објект со два тракта, со вкупно четири занимални, заеднички гардероби и тоалети. Ентериерот во целиот објект е според сите важечки градежни и архитектонски норми. Објектот ќе има капацитет за 78 деца на возраст од 2 до 6 години. Децата според возраста ќе бидат распоредени во 4 возрасни групи, и тоа: прва мала група (2-3 години), втора мала група (3-4 години), средна група (4-5 години) и голема група (5-6 години).