Фото: Како се одбележувала Прочка во Скопје

Ах, Калето за време на Прочка! Се слушаше музика која далеку одекнуваше. Шаренило од народни носии и облеки. Привлекуваа панаѓурските тезги: црвени колачиња во вид на срциња со стакленца во средината, шарени бонбони, рипчиња од шеќер, зашеќерени јаболка со црвена глазура, лимонада точена од рака, тазе локуми со вода од стомна, разна бижутерија. Од разгорени скари се ширеше мирис на ќебапчиња.

Има еден многу интересен запис што зборува за тоа како се одбележувала Прочка во Скопје пред војната. Верувале или не, се спомнува бројка од неколку илјади луѓе присутни на прославата. Собирањата биле главно во центарот, на скопскиот кеј, но и во Офицерскиот дом. Во тој текст се вели: „Беше Прочка. Ден за простување, за лудување и за бакнежи. Благодарение на Прочка, проводот беше одличен, и за дамите и за господата. Беше весело, многу весело, и додека се простуваа старите гревови, направени се десет пати повеќе нови, за идната Прочка. Што да се прави? Ако не греши, човекот не би бил човек… Во животот секогаш сметаме на оној што ни простува, бесконечно ни простува, за да ни олесни во душата, ни простува многу повеќе отколку што ние тоа сме го заслужиле“.

За празникот се подготвувала и богата семејна трпеза, како што е забележано, и тоа печена кокошка, сарма, баница, баклава и кадаиф. По ручекот, следуваше обичајот „амкање“, карактеристичен за Прочка, на што се сеќаваме уште од детството. Се амка варено јајце врзано со конец или канап, прицврстен за сукало, за светилка или за лустер од таванот. Јајцето се вртеше околу масата и секој се обидуваше да го дофати со устата. И за време на Прочка се палеле огнови што се прескокнувале, што симболично означувало прочистување од злите духови.