Фото: Хуманитарна трка за лицата со Даунов синдром

Деца со Даунов синдром заедно со пријателите и семејствата трчаа низ градскиот парк. Тие покажаа дека и тие можат да го прават истото како и другите, и не треба да бидат негативно селектирани. Трката „Run for Down“ немаше натпреварувачки карактер туку забавен, па така сите деца беа победници и добија медали. Во врска со кампањата за Светскиот ден на Дауновиот синдром – 21 март се обрати девојката која стана позната од видеоспотот на Уницеф, Нина Костовска.

Билјана Козмановска-Николовска од клубот „Ескрим – Скопје“, вели дека хуманитарната трка ќе помогне за образование на децата со овој синдром.

Мајка на дете со Даунов синдром апелираше во Македонија да се подигне свеста за овие деца, но да се ангажираат и логопеди за нив во повеќе градови.

Трката се организира по втор пат , како поттик за спортските клубови да вклучат во своите активности и деца со Даунов синдром. Светската кампања пак е на тема „My Voice My Community (Мој глас, моја заедница)“, со цел да се оспособат лицата со Даунов синдром да зборуваат, да бидат општествено активни, и целосно да се интегрираат во заедниците.