Фото: Две недели гори депонија во Скопје, никој ништо не прави

Депонијата меѓу населбите Шуто Оризари и Визбегово гори веќе две седмици. Еколозите секој ден апелираат, ги повикуваат надлежните на реакција, објавуваат фотографии од запалената депонија, пријавуваат, но засега ништо. И вчера огнот, чадот и смрдеата беа неподносливи во тој регион, предупредуваат од граѓанската иницијатива О2 коалиција.

На реакцијата на граѓаните и на еколозите, градоначалникот на општина Шуто Оризари одговори дека на 8 Март треба да се слави, а не да се посветуваме на проблеми.

„Ќе ве молам, денеска е 8 Март и верувам дека треба овој ден да празнуваме. За десет дена го исчистивме најголемиот дел од депонијата. Булдожерот е приватен и општината го плаќа“, одговори Дудуш, кој ветува дека за две седмици депонијата комплетно ќе биде исчистена.

Eколозите порачуваат: „Господа од власта, да земете да си ги едуцирате вашите градоначалници и политичари. Нека земат да си ја работат работата за која бездушно ни наплатуваат од заедничкиот буџет, нека се погрижат за животот и здравјето на сите свои граѓани, нека пробаат да ни го покажат синото небо низ овие облачишта од чадојни, кои ги продуцира нивната негрижа и незнаење. Може потоа и ќе ги поканиме да празнуваат со нас“.

Повеќе фотографии на МКД.мк