На Бадник, во пресрет на големиот христијански празник Божиќ, денеска домот на претседателот Ѓорге Иванов го посетија децата од Интерактивното филмско училиште „Тинтири Минтири”, кои ја донесоа Божиќната литија и со песната „Вечниот Бог“ го најавија Христовото раѓање.

Сопругата на македонскиот претседател, Маја Иванова, изјави дека како семејство секогаш ги почитувале верските и традиционалните вредности, и дека се поборници на враќање и на христијанските духовни вредности. На децата семејството Иванови им подарија пригодни пакетчиња.

Иницијативата за возобновувањето на старата православна традиција да се слави Бадник со пеење на „Вечниот Бог“ потекна од свештенството на МПЦ-ОА. Според Црквата, радува будењето на оваа стара православна традиција, која од година во година зафаќа се поголем број градови и повторно навлегува во нашето секојдневие.

Децата учесници во бадникарските поворки ја пеат песната „Вечниот Бог“ и носат пригодно изработени пештери на кои е претставено Рождеството Христово и ѕвезди што ја симболизираат ѕвездата која ги водела тројцата мудреци до местото каде што бил роден Исус.

Со божикната каланда (песна) „Вечниот Бог“ се објавува доаѓањето на Спасителот во тело. Песната е древна, води корени уште од некогашнто Римско царство, што културолошки продолжи да живее кај православните народи кои се негово духовно и цивилизациско наследство. Сведоштво за универзалниот карактер на оваа каланда се бројните нејзини напеви кои се среќаваат од Европа, преку Азија, сè до Африка.