Филмот за Смилковско Езеро не е документаристички, туку е фикција

Продукцијата „Митевски“ го објави визуелниот материјал за филмот „Кога денот немаше име“, постер изработен од Климент Коробар, за претстојната презентација на филмот на Берлинскиот филмски фестивал. Активностите почнуваат уште оваа недела.

На 2 февруари во 14.15 часот во киното „Синемакс 8“ на Постдамер Плац ќе се одржи првата проекција за новинари. Потоа ќе следуваат уште осум проекции, меѓу кои и главната премера. Од продукциската куќа даваат и кратко појаснување за јавноста околу некои шпекулации што се јавија веднаш по објавувањето на веста за учеството на филмот на Берлинскиот филмски фестивал.

- Овој филм не е филм за немилите настани на Смилковско Езеро, иако тоа е директната провокација и инспирација за приказната.
Нагласуваме дека ниту се обидовме да ги реконструираме вистинските настани, ниту да ги портретираме вистинските ликови, ниту пак се обидовме да понудиме сопствена верзија со која би разоткриле што се случувало тој ден. Измисливме имиња, измисливме семејни истории, измисливме филмска сторија и ни најмалку не се обидовме да си играме МВР или судски истражители - велат од продукцијата „Митевски“.

Режисерката и сценаристка на филмот, Теона Стругар Митевска, пак, вели дека се обидела да ги замисли последните 24 часа од животот на овие млади луѓе.

- Се обидов да ја прикажам комплексноста на нашето општествено опкружување, религиозните и етнички тензии, културолошките тенденции, нарушениот систем на вредности, но сето тоа преку измислени ликови. Ова е приказна за група млади луѓе што се обидуваат да се пронајдат себеси, да го пронајдат својот пат. Филмските ликови на младите момчиња се замислени како да се од каде било, Франција или Америка, млади луѓе на кои не им се дава шанса да бидат среќни, да ги развијат своите амбиции, да ги остварат своите соништа.

Ова не е фактографска, документаристичка приказна за конкретните момчиња чии млади животи, секако неправедно и несреќно згаснаа под неразјаснети околности, кои и по судската пресуда сѐ уште предизвикуваат недоумици и дилеми за тоа што точно и како се случило. Овој филм не нуди одговори на овие прашања. Ова е уметничка визија, фикција, измислена и инспирирана од трагичниот факт дека насилството е присутно, сурово, безмилосно, неоправдано и неоправдливо - вели Стругар Митевска.