Филмот „Кога денот немаше име“ на фестивали во Сиднеј и Ерусалим

„Кога денот немаше име“ на режисерката Теона Стругар-Митевска во јуни ќе биде прикажан на филмскиот фестивал во Сиднеј, а во јули и на фестивалот во Ерусалим. 

Во Австралија ќе има две проекции, како дел од програмата Европски гласови од десет жени режисери, организирана од ЕФП и Сиднејскиот филмски фестивал. Програмата е поддржана од интернационалното списание за филм Screen International во кое се најавени сите филмови и нивните режисери.

- Теона Стругар-Митевска е во Сиднеј каде што ќе го претстави филмот и ќе биде дел од конференцијата која фестивалот ја организира со фокус на новите визии на жени режисери од Европа. Овој проект е поддржан и од Агенцијата за филм на Република Македонија, соопшти Продукција Митевски. 

Во Ерусалим филмот двапати ќе биде прикажан во селекцијата Панорама за време на фестивалот кој ќе се одржува од 13-ти до 23 јули. Тој е еден од најстарите и најпрестижните во светот. Продукцијата соопшти дека тоа ќе биде второ претставување на Теона на овој фестивал на кој учествуваше и со филмот „Јас сум од Титов Велес“. 

- Агентот за продажба на филмот успеа да го дистрибуира филмот во Азија. Серкамон го продаде „Кога денот немаше име“ за кино, видео и дигитална дистрибуција во Сингапур, Малезија, Виетнам, Камбоџа, Лаос, Индонезија, Филипини, Источен Тимор. По преговорите на канската проекција на маркетот, за европската дистрибуција  преговорите се во тек, соопшти Продукција Митевски.