Филипче: Кумановската болница работи непречено, кадар и опрема има доволно

Министерот за здравство Венко Филипче денеска ја посети болницата во Куманово за да направи увид во работењето и капацитетите. На состанокот со менаџментот тој потврди дека болницата работи непречено и дека организацијата на работата е добра, соопшти Министерството за здравство.

Од МЗ посочуваат дека откако 18 вработени се дијагностицирани со Ковид-19, направена е реорганизација на работата и сега болницата работи непречено. Од пред неколку денови во поддршка на вработените на инфективното оделение дојдоа двајца лекари од Штип и од Скопје со што капацитетите се задоволени.

Во кумановската болница има вкупно 700 вработени и покрај 18 кои се заболени од Ковид нема друг персонал кој е во самоизолација. Директорката на болницата го информираше министерот дека располага со сосема доволен број на заштитна опрема и истата се надополнува постојано.

Министерството за здравство, посочуваат оттаму, продолжува интензивно да ја следи состојбата во Куманово и доколку има потреба од дополнителна поддршка во однос на ресурси итно ќе реагира.