Македонската Филхармонија, со поддршка на „Мрдни со прст“ од недела започнува серија мали новогодишни концерти под името „Еден тон, за насмевки милион“ во неколку домови за стари лица и домови за деца без родители, со цел музиката дополнително да придонесе за новогодишниот дух и расположение во овие домови.

„Еден тон, за насмевки милион“ е прва активност од овој тип на Македонската Филхармонија, која ќе им овозможи на жителите на споменатите домови да уживаат во класичната музиката изведена од врвни музички мајстори. Првиот од низата концерти, со кој започнува концертниот серијал „Еден тон, за насмевки милион“, ќе се оддржи во недела, 24 декември во „СОС Детско Село“ каде пред децата ќе настапи гудачки квартет составен од членови на Македонската Филхармонија.

Претседателката на Управниот одбор на Македонската Филхармонија и координаторка на оваа акција, Бранка Костиќ Марковиќ смета дека акциите од овој тип не само што можат да придонесат за разубавување на секојдневието на оние на кои тоа им е најпотребно, туку и да покажат дека споделувањето на културни вредности, човечка топлина и грижа придонесува сите да живееме во похумано општество.

„Мрдни со прст“ е граѓанска платформа, чија мисија е да поттикне акција на размислување за индивидуалната одговорност и зголемување на вклученоста во решавање на општествените прашања кои сите нè засегаат, бидејќи секое мало мрдање придонесува за големи резултати и промени. Иницијативата започна пред повеќе од една година и ги поттикна граѓаните да почнат да размислуваат за нивниот индивидуален придонес како и активно да се вклучат во адресирање или решавање на проблемите со кои секојденевно се соочуваат преку бројни настани и акции. Секој граѓанин, граѓанска иницијатива или организација може да стане дел од „Мрдни со прст“.