„Фх3х“ работеше на ефектите на нинџа-желките

Македонската компанија за визуелни ефекти и анимација „Фх3х“ учествуваше во креирањето на визуелната магија во соработка со студиото за визуелни ефекти „Индустриал лајт енд меџик“. Филмот е во режија на Дејв Грин, според сценариото на Џош Аплбаум и Андре Немек. Во главните улоги ќе ги видиме Меган Фокс, Стивен Амиел, Вил Арнет, Тајлер Пери и супермоделот Алесандра Амбросио.

- На филмот работевме во периодот од јануари до крајот на април оваа година, со тим од над 120 артисти за визуелни ефекти. Филмот ветува добра забава, и е окарактеризиран како најдобар филм со нинџа-желките од нивното прво појавување во 1990 година, забавен и за 30-годишните обожаватели и за деца кои уживаат во анимирани филмови и се идните фанови на овие симпатични мутанти - изјавија од „Фх3х“.

Во ова продолжение, нинџа-желките Донатело, Рафаело, Микеланџело и Леонардо влегуваат во конфликт со лудиот научник Багстер Стокман и со нивниот непријател негативецот Шредер, кои го изнајмиле Стокман да креира негови мутанти во форма на Бибоп и Рокстеди за да се одмаздат. Во меѓувреме, нинџа-желките откриваат дека постои ретромутаген со кој можат да се вратат во оригиналното човечко издание. За да биде динамиката и возбудата на ниво, паралелно со сето ова се случува и напад на Њујорк од страна на вонземјани предводени од Кранг. За да го одбранат градот од инвазијата, желките се здружуваат со нивниот господар Сплинтер, и нивните пријатели Ејприл Онил, Верн Фенвик и Кејси Џонс.

Филмот може да го погледнете во кино Милениум 20:00  часот, влез (150 денари).